Вицепремиерот за европска интеграција, Бујар Османи, за МИА вели дека од суштинска важност е преговорите со ЕУ да почнат без одлагање, бидејќи во спротивно постојат ризици и за земјата и за регионот, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Османи, кој денеска е во посета на Брисел, предупредува дека политичкиот контекст во Европската Унија е многу непредвидлив поради изборите во ЕУ, но дека е оптимист.

Тоа што мене ми дава оптимизам е дека нема подобро портфолио од нашето, толку е моќно што тешко се игнорира, и второ дека нема алтернатива. Алтернативата од неуспех на оваа приказна е страшна. Ризиците се колабирање на сите позитивни процеси што ги има и во државата и во регионот“ – порачува вицепремиерот.

Тој е уверен дека и во европските институции и во земјите членки сите се свесни за овие ризици.

Ако некој ја одземе таа перспектива, целата стратегија пропаѓа. Тоа е нашиот аргумент, дека оваа приказна е толку моќна, толку ги надминува нашите граници што игнорирањето ќе биде лоша порака и за државата и за регионот и за целата европска идеја, вели за МИА Бујар Османи.

За административниот капацитет за преговорите, Османи, кој е воедно и главен политички преговарач во овој процес, вели дека темелите се поставени од страна на Владата, иако останува да се донесат уште некои одлуки, како не пример кој ќе биде дел од преговарачката структура. Но, дека главниот поттик за администрацијата и за целото општество ќе дојде кога ќе започнат формално преговорите.

Ние се подготвуваме цело време, меѓутоа финалните акти што треба да поминат на Влада, во кои што се дефинира, на пример, невладините организации дали ќе бидат во работните групи внатре, по црногорскиот модел, или ќе бидат на страна во процесот, како што е српскиот модел, која ќе биде улогата на СЕП, која ќе биде улогата на другите институции. Овие финални акти не се поминати на Влада затоа што го следиме политичкиот процес во смисла на почнување на преговори. Јас мислам дека само ни фали тригерот, смета Османи.

Стотина лица се пријавиле на огласот за интерес, објавен минатата година, а направени се и списоци на експерти во соработка со МАНУ и универзитетите кои ќе помогнат во процесот.

Во самиот секретаријат за европски прашања, пак, се унапредени луѓе со соодветно искуство и знаење и се преземаат потребните мерки за задржување на кадарот, тврди главниот преговарач.

Меѓутоа, нагласува тој, во текот на преговорите, тежиштето ќе биде во самите министерства задолжени за секое поглавје, а не во СЕП.

Раководителите ќе доаѓаат од министерствата, а замениците раководители ќе бидат од СЕП за поддршка на процесот.

СЕП ќе биде секретаријатот на преговарачката група и на државната делегација, но тежиштето треба да биде во министерствата што ги покриваат поглавјата. И создавањето на човечки капацитет треба да го фокусираме во министерството. На пример, министерството за економија покрива дури седум поглавја. Дали министерството за економија е подготвено за сите седум? Во моментов не е. И затоа ја правиме оваа комбинација, луѓето што ги има во администрацијата, во академијата, во коморите, во невладините организации и работната група се активираат кога почнува процесот, вели Османи.