Кристијан Даниелсон денес искажа многу пофални зборови за напредокот на Македонија („оваа земја“) и тоа посебно го поврза со договорот постигнат со Грција ратификуван од парламентите на двете земји.

Клучните пораки на директорот на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската комисија на разговорите со претставниците на власта и на опозицијата се две: реформи и политичките структури да не се фокусираат на избори.

Да не се фокусираат на предвремени избори, да не се губи енергија, туку таа да се насочи на реформата на судството, борбата со организираниот криминал и корупцијата, јавната администрација и др.- рече на денешната прес-конференција Даниелсон.

Тој подвлече дека не станува збор само на усвојување закони, туку и спроведување на тие закони.

Судиите треба да носат пресуди без притисоци и закани. Бараме „нула“ толеранција за корупцијата“, додаде тој и подвлече дека е многу важен процесот на формирање на новиот состав на Антикорупциската комисија, а како што рече тој, токму денес е последниот ден за пријавување на огласот за нови членови во комисијата.

Даниелсон денес ја подвлече важноста на Преспанскиот договор и притоа истакна дека тој е пример дека се можни решенија за сите прашања.

Тој е пример дека е возможно да се постигне решение иако некои мислеа дека е тоа невозможно, рече Даниелсон.

Притоа тој изрази оптимизам за процесот на помирување, додавајќи дека е охрабрен од разговорите во Скопје, но не само од власта, која е решена да продолжи со реформите, туку и од опозицијата, која сака да се вклучи во дискусиите за клучните прашања во парламентот.

На крајот Даниелсон порача дека ЕК ветува цврста поддршка за сите прашања кои се однесуваат на реформските процеси, кои се неопходен услов за асоцирањето во ЕУ, а притоа вети и финансиска поддршка во многу области.