НАТО не ја потврдува информацијата објавена вчера во грчкиот весник „Катимерини“ дека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку писмо побарал процесот околу Договорот од Преспа да заврши до 15 февруари, вели во писмена изјава за МИА официјален претставник на Алијансата.

НАТО јасно стави до знаење дека го поздравува Преспанскиот Договор и дека на Атина и Скопје е да го имплементираат договорот. Не ги коментираме дописите на Генералниот секретар, но дозволете ми да повторам дека НАТО не игра улога во имплементацијата на Преспанскиот договор, што целосно зависи од Скопје и Атина”, изјавил истиот извор.

Грчки „Катимерини” вчера објави дека „НАТО посакува најбрз можен процес“ и дека „постои писмо од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој бара завршување на процесите во целост и во двете престолнини до 15 февруари 2019“.

„НАТО не го потврдува ниту писмото, ниту неговата содржина“, изјавил претставникот за МИА.