Екипи на Народниот правобранител се во затворот „Скопје“ и темелно ќе го истражат целиот случај, соопшти Народниот правобранител кој врз основа на објавите во медиумите и од јавувања на роднини на притворените лица самоиницијативно отвори предмет за вчерашниот инцидент во кој се повредени поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
Омбудсманот во допис до медиумите информира дека ќе се обезбеди целосната документација, ќе се разговара со лицата кои учествувале во инцидентот, со очевидци и службени лица, ќе се изврши увид на местото на настанот, а ќе се обезбедат и видеоснимки од камерите за надзор. Ќе бидат повикани на разговор директорите на Управата за извршување на санкциите, Затворот „Скопје“ и на сите други службени лица за да дадат податоци во постапката и за објективно да се утврди настанот.
Потсетуваме дека ваквите настани ги потврдуваат повеќегодишните континуирани укажувања на Народниот правобранител за сериозноста на проблемите со затворскиот систем од секаков аспект: материјално, кадровски, безбедносен, здравствен, образовени сл. Според Народниот правобранител, тоа што се случува во казнено-поправните установи е резултат на поставувањето на нестручни и партиски кадри на раководни позиции во овие установи, што создава длабоки поделби од различен аспект: национален, верски, партиски, а како последица на ова е лошиот безбедносен систем не само за осудените и притворените лица, туку и за општеството во целина, посочува Народниот правобранител во соопштението.
Според Омбудсманот, затворскиот систем во земјава моментов е место во кој пресметките помеѓу осудените, како и притворените лица се чести, а причините, како што посочува, се различни, но општопознати.
Од „посредување“ за добивање погодност, набавка на телефон, преку обезбедување кревет, давање на други услуги – и сето тоа за определен паричен надомест, во што се инволвирани и вработените во затворите. За сето ова, како и за нефункционалната ресоцијализација која наместо да превоспитува, регрутира лица со девијантно однесување, ја алармиравме јавноста и побаравме од менаџментот на затворите и Управата за извршување на санкциите сериозно да ги испитаат ваквите сознанија и изјави од осудените лица, но до денес нема реакција, нагласува Правобранителот.
Институцијата ги повика раководствата на казнено-поправните установи, Управата за извршување на санкциите и Министерството за правда сериозно да се зафатат со подобрување на затворскиот систем во целина, а притоа, како што нагласува, особено да се има предвид сериозноста на ситуацијата, преку преземање мерки за обезбедување на физичкиот интегритет на лицата, мониторирање, превенирање и спречување физичко и друг вид насилство кое може да го загрози здравјето и животот на лицето додека ја издржува мерката притвор или казната затвор.
Очекува надлежните органи да ги преземат сите мерки за расчистување на овој настан и да утврдат дали од страна на припадниците на затворската полиција или другите служби соодветно се реагирало и следствено да се санкционираат лицата кои, иако имале обврска да превенираат и спречат насилство, дозволиле тоа да се случи.
Comments are closed for this post.