Националната агенција за европско образование и мобилност вечерва реагираше на најавата на потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски за објавување на наводен корупциски скандал во Националната агенција за проневерени три милиони евра.

Оттаму велат дека го охрабруват да ги обзнани сите сомневања и воедно ги повикуваат сите релевантни институции да се вклучат во расветлување на наводите.

Воедно го прашуваме Николоски дали нервозата и жалењето е поради тоа што Националната агенција не е повеќе личен сервис на ВМРО – ДПМНЕ и Бошко Нелкоски во злоупотребата на европските пари за лично богатење поради што Националната агенција за време на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ во 2010 година беше суспендирана за злоупотреби при трошењето на европските пари?, се вели во реакцијата од Агенцијата.

Николоски вчера во емисијата „Топ Тема“ рече дека во петок ќе објават голем скандал за проневерени европски пари. Според него, делени се средства на блиски невладини организации, на раководството на агенцијата, а пак четири невладини организации ги добиле проектите и во претходната година и оваа.