Обврски не се преземени. Во Софија воспоставен е отворен дијалог за позициите на двете страни во однос на прашањата. Ние разменувавме идеи за можни решенија по однос на сите тие точки кои се споменуваат, а се комплементарни на основната идеја што ја дава португалското решение, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи на гостувањето на телевизија Канал 5, во однос на писмото од бугарското МНР.

Во Софија, нагласи Османи, се разговараше за идеи како да се надминат разликите.

На пример, во однос на краткото име. Едно од барањата на Бугарија беше секаде да стои само Република Cеверна Македонија, додека Cеверна Македонија да се исфрли од употреба. Ние сметавме дека тоа не треба да е така, и дадовме предлог дека најдобро ќе се реши, доколку со една изјава ние кажеме дека краткото име е исто, како што е и долгото име, изјави Османи.