И покрај вчерашниот став на министерот, Венко Филипче, дека земјава има доволно вакцини и оти нема потреба да се прават договори со српскиот институт „Торлак“, кој ќе ја произведува руската вакцина „Спутник В“, денеска Филипче објави дека во вторник тим од министерството за здравство ќе замине за Белград и оти меѓу другото ќе се разговара за можноста „Торлак“ да стане стратешки партнер во набавката на вакцини за земјава.

Во вторник ќе одиме во официјална посета на Белград. Ќе се сретнеме со министерот Лончар и директорката на институтот „Торлак“. Ќе имаме разговор за повеќе битни теми во делот на нашата соработка и надвор од прашањата за вакцините, онаа соработка што ја имаме околу експертизата, нивни експерти во делот на гинекологија, неонатологија, кардиохирургијата, меѓутоа и некаков стратешки план за набавка на вакцини од институтот Торлак со оглед на тоа што во овој момент не ни се потребни, но гледаме како се одвива работата со пандемијата и сметам дека најлогично решение е институтот Торлак да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму, рече Филипче.