Заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, што беше формирана согласно Договорот за добрососедство со Република Бугарија, утре и задутре во Софија ќе ја одржи третата средба.

На првата, за потсетување, беше утврдена методологијата за работа и преку надлежните министерства беа разменети учебниците по историја, а на втората, одржана во Скопје, двете страни изнесоа свои забелешки.

На средбата ќе бидат заеднички разгледувани забелешките и како комисија, по завршувањето на состанокот, ќе излеземе со соопштение за тоа дали и за што ќе биде постигната согласност, вели за Пресинг Тв, Драган Ѓоргиев, прв човек на македонскиот дел од комисијата.

По средбата во Скопје, бугарските медиуми пренесуваа мислења на нивни експерти и политичари, кои прво беа изненадени од забелешките на македонската комисија за нивните учебници, а потоа како свој аргумент го изнесуваа податокот дека од нивна страна се изнесени забелешки на 30 страници и оти во Македонија речиси да нема учебник во кој не ќе треба да се интервенира.

Кај нас, пак, доминираше фонот дека треба да се промени тонот во учебниците во двете држави и оти децениското бугаризирање на Македонија, и како територија и како народ, како и етнизирањето и национализирањето на минатото, особено на средниот век, не води кон надминување на стереотипите.