Меѓусебните обвинувања од минатото не го спречија премиерот Заев да ги одбере поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев и Никола Тодоров, како влијателни луѓе во партијата преку кои ќе се обиде да си осигура двотретинско мнозинство за уставните амандмани.

Заев ги потврди ексклузивните информации на ПресингТВ за кафе средбата во струмичкиот хотел Сириус. „Министерот за смрт“, како што неговата партија го нарекуваше Тодоров, прерасна во можен партнер за менување на Уставот.

На Заев не му пречи да договара уставни измени со оној кој, според бомбите што ги објавуваше, нарачувал и избор на судии.

За Тодоров, пред изборите Заев имаше став дека е еден од најблиските соработници на Груевски кој на екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ можел да му помогне дури и во ТВ соочување со него.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, пак, според Заев пред локалните избори во Кавадарци бил еден од најисплашените, иако како што вели, во минатото ја поддржувал и спротивната опција.

Исто така ригидните ставови во минатото за сегашниот премиер не беа причинаа Тодоров да не се најде на иста маса со Заев каде се прават пратенички  комбинаторики. Тој беше еден од оние кои за случајот „Поткуп“ од партиската говорница го обвини Заев дека како градоначалник барал мито за работа која морал да ја заврши.

За него изјавуваше дека зборот не му вреди многу. Едно зборувал, а друго правел.

Го обвинуваше и дека има план за редефинирање на Македонија.

Иако Заев смета дека Тодоров може да влијае за обезбедување двотретинско мнозинство за устваните измени сепак екс министерот за здравство изјави дека и претходно со ништо не придонел пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка.