Tелефонскиот број на кој можете да пријавите групирање се уште е во функција, потсетува МВР.

Во насока на доследно и целосно почитување на уредбите на Владата, односно мерките и активностите за справување со пандемијата со коронавирус, Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека сѐ уште е во функција бесплатниот телефонски број 0800-00-201 и електронската адреса mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, на кои граѓаните анонимно можат да пријават групирање и организирано одбележување на претстојните празници.

Имено, граѓаните можат да се јават и анонимно да пријават (локација) на која забележале недозволено собирање на луѓе, спротивно на мерките пропишани за справување со пандемијата, се вели во соопштението од министерството.

Полицијата, нагласуваат оттаму, исто како и за време на новогодишните празници, ќе постапи по пријавите и ќе преземе мерки во координација со јавното обвинителство за санкционирање на непочитувањето на мерките и препораките кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести односно одлуките кои ги носи Владата.

Министерството за внатрешни работи, ценејќи ја заложбата на граѓаните во насока на спречување на пандемијата и зачувување на јавното здравје, повторно смета на партнерската улога која ја имаат граѓаните со полицијата и уште еднаш упатува апел до населението да се воздржи од групни собирања и да ги почитува мерките на Владата, а сѐ со цел заштита на индивидуалното и јавното здравје, се вели во соопштението од Полицијата.