Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и уште четири лица Т.Ѓ (62), В.С.(43), М.Т. (59) и Р.Д. (60) сите од Скопје, поради постоење сомнение за сторено кривично дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски, соопшти дека е поднесена кривична пријава и против лицата Г.Р. (51) во својство на управител на „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, Ч.А. (67) во својство на управител на “ЕМАГ“ ДОООЕЛ Скопје, С.П (53) во својство на управител на “ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, и Т.К. (58) во својство на физичко лице, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело -„поттикнување“ во врска со кривичното дело – „злоупотреба на службена положба и овластување“. Во текот на денов, со наредба за приведување пред судија на претходна постапка веќе се изведени лицата С.Ј., Т.Ѓ и В.С.

Според документираните сознанија од истрагата пријавените, Јакимовски  во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината, В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам, М.Т. во својство на вработена во Одделение за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во општина Карпош и Р.Д. во својство на вработена како извршител на работи од областа на архитектонвски планирања во општина Карпош, постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на ул.„Илинденска“, на катастарски парцели во општината, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања.

„Тие преземале дејствија кои не смееле да ги превземат, иако знаеле и согласно својата службена положба и овластувања биле должни да знаат дека објектите за кои што се поднесени барањата за утврдување на правен статус од страна на правните субјекти „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, „ДОТ МЕБЕЛ“ ДООЕЛ Скопје, како и барањето поднесено од физичкото лице, пријавениот Т.К. всушност не се бесправно изградени објекти, туку биле времени објекти односно монтажно/демонтажни бараки поставени на градежно неизградено земјиште во сопственост на државата и дека согласно законските одредби не смеело да бидат предмет на постапка за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Сепак, и покрај сето ова, пријавените С.Ј., Т.Ѓ, В.С., М.Т. и Р.Д. постапиле по поднесените барања и спротивно на законот, на времените објекти им дале третман на бесправно изградени објекти, притоа давајќи согласност за вклопување на времените објекти во урбанистичко планската документација“, информира Ангеловски.

Со потпишување на решение за утврдување на правен статус на времените објекти како да се бесправно изградени објекти, на подносителите на барањата им овозможиле да ги запишат објектите во јавните книги за недвижности како легални објекти во нивна сопственост и со тоа да ги исполнат условите да имаат ексклузивно право да извршат откуп на земјиштето, сопственост на државата согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, а спротивно од Законот за градежно земјиште, според кој пак времените објекти не се дел од градежното земјиште и не може да бидат основ на барање за стекнување со право на сопственост врз градежното земјиште на кое што се поставени.

На тој начин службените лица од општина Карпош им овозможиле на правните лица „Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје, “ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, “ДОТ Мебел“ ДООЕЛ Скопје, како и на физичкото лице Т.К. на незаконски начин да се стекнат со право на сопственост на објекти и ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата.

„Така,  на правното лице “Гром Промет“ ДООЕЛ Скопје му овозможиле противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во сопственост на државата во вкупна површина од 1.533 метри квадратни, кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 27.594.000 денари (или 448.683 евра). На правното лице „ЕМАГ“ ДООЕЛ Скопје, му е овозможено противправно да стекне имотна корист во вид на градежно земјиште во вкупна површина од 722 м2, кое, пак, како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од  најмалку 12.996.000 денари (или 211.317 евра). На правниот субјект “ДОТ Мебел“ ДООЕЛ Скопје и на физичкото лице Т.К., пак, им  било овозоможено да се стекнат со ексклузивно право на откуп на земјиште под објект во сопственост на државата за 450 денари по квадратен метар иако доколку се одржело јавно надавање почетната цена би била 300 евра од метар квадратен, информира портпаролот на МВР.

Јакимовски и уште две лица изутрината беа приведени и изведени пред судија на претходна постапка. Обвинителство за нив побара мерка притвор, а за шестмина други обвинети мерка на претпазливост.