Мобилните продавачи во Градскиот парк во Скопје ќе имаат одредени локации каде што ќе може да бидат поставени, најавуваат од Град Скопје. Како што велат од градот, таквите активности се планираат за да се воведе ред за локациите и површината на која ќе може да работат мобилните продавачи, а доаѓаат по реакции на посетители дека се узурпираат патеките во стариот дел на Градски парк со натрупување на подвижни приколки. Се планира локаците да се доделуваат преку повик, тие да бидат со еднаква површина, да не го нарушуваат амбинетот на паркот, а сопствениците да добијат обврска да се справат со отпадоците.

Од Град Скопје велат дека се свесни за прашањето со поставувањето мобилни кафетерии во паркот, сконцентрирани на две-три локации кои узурпираат голем дел од патеката за минувачи. Најавуваат решение со коешто, како велат оттаму, ќе се излезе во пресрет на двете страни. Крајната цел е да се воведе ред и да се зголеми чистотата во паркот.

На површината на Градски парк се мапирани точки кои ќе бидат наменети за ваков вид дејност. Нема да дозволиме натрупување на вакви подвижни приколки само во еден дел од паркот. Предвидуваме и еднаква површина за сите мобилни продавачи. Изгледот на подвижните објекти и апарати ќе треба да не го нарушува амбиентот на градски парк. Најважно е што сопствениците ќе бидат обврзани отпадот да го фрлаат во посебни корпи за отпад, а не во кантите кои се поставени во паркот. Сакаме да воведеме ред и да ја зголемиме чистотата во паркот – истакнуваат од Град Скопје.

На  следната седница на Советот на Град Скопје ќе се расправа по одлуката со која треба да се воведе ред во паркот и условите за давање одобрение за поставување подвижни објекти и апарати во паркот, димензиите на објектите и апаратите и површината која ја зафаќаат.