Цело ВМРО-ДПМНЕ, не дел од ВМРО-ДПМНЕ, е на бродот кон Европската Унија. Било, е и ќе остане на тој брод, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од посетата во Кавадарци запрашан за коментар на изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека партијата треба да одлучи дали партијата ќе се качи на бродот за Европската Унија, цела или во делови.
Мицкоски изрази загриженост поради тоа што дел од СДСМ, кое самото се нарекува раководство, се здружило со ДУИ и формирале антимакедонски фронт, а не европски како што го нарекуваат, што претставува една појава за уништување на сопствениот народ со цел останување уште неколку месеци на власт.
-Мене ме загрижува дека дел од раководството на СДСМ, не цело СДСМ заедно со ДУИ формираа, наместо како што оние го нарекоа Европски фронт, формираа антимакедонски фронт. И тоа ме загрижува, бидејќи тоа е една појава на уништување на сопствениот народ, за да може да биде задржана сопствената позиција уште некој месец повеќе и таа пракса која што денеска ја гледаме и која што се случува во Македонија ќе остави, навистина, сериозни последици за кои што потоа ќе ни требаат години да ги рехабилитираме, рече Мицкоски.
Мицкоски упати порака до Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ и за престане да го уништува македонскиот идентитет за власт, затоа што сето ова за брзо време, за неколку месеци од денес, ќе заврши и во Македонија ќе има техничка влада.
-Јас сакам да му порачам на Ковачевски да не си игра со трпението на македонскиот народ, да престане да го уништува македонскиот идентитет за да може тој и малкумина, повторно ќе кажам не цело СДСМ, малкумина кои што се нарекуваат себеси за раководство на СДСМ за да ги задржат своите позиции, да распродаваат од македонскиот национален идентитет. Затоа што сето ова ќе заврши, за неколку месеци од денеска имаме техничка Влада, ќе имаме и претседателски и парламентарни избори. Еве во најлош случај ако немаме предвремени парламентарни избори, за неколку месеци од денеска, завршува ова. Прашањето е, каква трага ќе остави позади себе и каков однос ќе има, откако ќе се шета низ македонските улици и сокаци, овој човек имајќи предвид што се му направи на македонскиот идентитет, на македонскиот народ за ова кратко време откако беше назначен за претседател на владата, истакна Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, го предупредувам, барем овие неколку месеци кои што му преостанаа да биде премиер, достоинствено да ги помине без да прави дополнителна штета на македонскиот идентитет и да се приклучи на Македонскиот фронт и на фронтот кој што вистински нуди европска перспектива за Македонија и за македонските граѓани.
Comments are closed for this post.