Тој човек, кој што себеси се претставуваше како борец за човекови права пред 20 години, изгледа раководен од неколкумина околу него, ќе заврши како човек длабоко вплеткан во криминал, но за жал, го вплеткува и сопственото семејство. Тоа не е добро.
Ова меѓу другото го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, говорејќи за претседателот на ДУИ Али Ахмети.
– Би го советувал, на тие малкумина советници околу него, кои што на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста – да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството. Имаше голема шанса, но како што одминува времето, тој не само што ја пропушта таа шанса, туку е и пред сопствениот политички крај како обичен криминалец, посочи Мицкоски.
Тој рече дека на правосудството не може да му се верува, алудирајќи и на фотографијата каде шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази е фотографиран со член на семејството на Ахмети.
Според Мицкоски, пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не поминуваат во јавноста.
– Таа порака не проаѓа во јавноста, туку граѓаните со индигнација ја отфрлаат. Довербата во партизираното судство и обвинителство, го кажуваат јавните мерења – а довербата од 0 до 100 е 8 проценти максимум. Тоа е така бидејќи имаме обвинителот кој што неколку месеци беше избран во ОЈО-ГОКК, гледате како еден човек му стои на глава. Знаете кој е човекот и од кое семејство е. А знаете и кој е актуелен по купопродажбата на онаа зграда во центарот на Скопје. Тоа е семејството на Али Ахмети, додаде Мицкоски.
Смета дека целта на раководството на ДУИ е да станат милијардери, со пари од граѓаните.
– Тие се обидуваат да ја окупираат Македонија и на тој начин да станат милионери. Но, тоа е стара амбиција, сега амбицијата им е да станат милијардери. И тоа на грбот на народот. А им асистира полтронскиот партнер СДСМ, раководен од ова раководство, рече Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение го повика „Али Ахмети да им каже на младите Албанци и Македонци како да купат зграда во центарот на Скопје, како ТЦ „Соравија“, без да платат ниту денар како неговиот внук Дрин Ахмети. Тогаш ќе поверуваме дека се грижи за нив“.
Comments are closed for this post.