Изнесените ставови на потпретседателот Митко Јанчев во интервјуто за Дојче веле се негови лични убедувања, а не партиски, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет на партијата, во кој што членува и Јанчев, претходно донесе едногласна одлука дека е против договорот меѓу Заев и Ципрас и ова е официјалниот и непроменет став на ВМРО-ДПМНЕ.

Овој став, нагласуваат од партијата, беше едногласно потврден и од Централниот комитет. Во однос на изразените тврдења на Јанчев за амнестија за настаните од 27 април, од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека партијата веќе јасно се произнела дека е потребна правда, а не лажна милост од премиерот Зоран Заев.

Во интервјуто, што го пренесоа и повеќе други сајтови, Јанчев, во контекст на изјавата на премиерот Заев за помирување и простување, што тој самиот, како што вели, ја разбрал како повик за амнестија на обвинетите за настаните од 27 април, се заложи за нејзина реализација.

Ајде да ги ослободиме луѓето кои во еуфорија на 27-ми април, ненамерно направиле глупост. Таа работа треба да заврши во парламентот, со едногласно крената рака, рече тој, што е во спротивност и со ставовите на обвинетите, кои преку социјалните мрежи побараа правда, а не помилување.

Јанчев, меѓу другото, нагласи дека тој би гласал за Уставот, но под одредени услови.

– Би гласал, но тоа нема да биде безусловен глас. Би гласал под одредени услови. Ми се допадна предлогот на пратеникот Панчо Минов. Во таа насока, и јас на пример, би поднел неколку амандмани со цел да се обезбедат дополнителни гаранции за нашата држава. Прво, новото име да не се применува за внатрешна употреба сѐ  до приемот на Македонија во ЕУ.  И тие гаранции би ги барал од ЕУ, со оглед дека нејзини претставници во изминатиот период дојдоа да дадат поддршка на Договорот со Грција. Сметам дека тоа може да се реализира, а и Грција би била помотивирана што поскоро да станеме членка на ЕУ, односно да не ја блокира Македонија во текот на преговорите. Значи, во тој дел Договорот да се спроведува сукцесивно, согласно со приближувањето на Македонија до полноправно членство во Унијата. И притисок до ЕУ во таа насока треба да има и од власта, и од опозицијата. Второ, да се гарантира македонскиот јазик и идентитет. Трето, да се гарантира дека односот на државата кон дијспората навистина ќе се регулира според европски терк. Ако сето ова се прифати и се усогласи, зошто не би гласал-изјави Јанчев.