Министрите се спокојни и „жешкиот костен“ му го оставаат на првиот човек во Владата. Од „метлата“ на премиерот Зоран Заев не се плашат. Никој не планира да си даде оставка и да понесе одговорност, зашто убедени се дека одлично си ја вршат работата. Речиси сите министри кон кои беше упатено новинарско прашање за „метлата“ и дали стравуваат за функцијата, одговорија дека веруваат во премиерот и си се испофалија со тоа што го направиле. Ниту еден не чувствува потреба сам да си замине, напротив секој е уверен дека сторил многу за секторот што го води. А од друга страна премиерот по првиот круг од изборите, јавно кажа дека ќе заигра „метлата“ и дека ќе има прочистување во владините и партиските редови, што очигледно значи дека не се сите за пофалба. И не залудно речиси сите функционери од власта јавно излегоа и се изјаснија дека ја добиле пораката од граѓаните. А потоа одговорноста се префрлаше – дали вината е на централно или на локано ниво.

Министерот за финансии Драган Тевдовски според неофицијални информации е дел од списокот за смена, но тој не очекува дека ќе биде сменет. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека го поддржува премиерот во целата постапка, затоа што смета дека треба да има и реконструкција, но треба да има и смена на одредени кадри, врз основа на критериуми кои ќе бидат утврдени, но вели дека со тоа воопшто не е засегнат. И вицепремиерот Кочо Анѓушев бил релаксиран по најавата за „метла“. Со сличен став и министерот за здравство Венко Филипче – „Премиерот најдобро знае кој треба да биде во неговиот тим“.

Кадрите од ДУИ во извршната власт му се налутија на премиерот за „метлата“.  Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи побара од него да не го користи зборот „метла“ во јавните настапи затоа што тоа било компромитирачки за другите.

Министерот за економија, Крешник Бектеши и министерот за животна средина Садула Дураку пак отворено му порачаа на премиерот дека тој не одлучува за нив, туку нивниот лидер Али Ахмети.

Единствен министер кој си даде оставка после претседателски избори, беше Асаф Адеми кој си замина од Министерството за култура. Од функција се повлече и советникот на Тевдовски, Бранимир Јовановиќ.