Итната медицинска помош во Скопје денес доби 6 нови амбулантни возила, од вкупно 12 кои ги набави Министерството за здравство. Останатите шест ќе бидат распоредени во Здравствените домови во Струга, Дебар, Кичево, Крушево, Крива Паланка и во Берово.

Со овие шест возила капацитетот се зголемува за точно 100 проценти, рече министерот за здравство Венко Филипче на промоцијата на новите амбулатни возила, но додаде дека има сериозни проблеми со кадарот, односно недостаток на лекари и медицински сестри, за што набрзо ќе биде распишан конкурс, истакна минитерот.

Директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, не ја откри точната бројка за проблемот со кадровската екипираност на Итната помош бидејќи како што нагласи медицинскиот персонал и досега си ја завршувал работата беспрекорно, но додаде дека седумдесет и пет екипи се таргетот кој е поставен како цел за да се има квалитетна здравствена заштита на ниво на службата.

На прашање до каде е пренамената на возилата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за потребите на ИМП, министерот Филипче рече дека на денешната седница на Владата треба да помине одлуката со која тие возила ќе ги преземат од страна на Министерството за земјоделство.

За набавка на новите амбулантни возила од планирани 500.000 евра биле заштедени 200.000 евра, а Министерството наскоро ќе каже дали со нив ќе се купуваат и други возила.