На покана на министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во официјална возвратна посета на Република Македонија ќе престојува министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус.

Како што соопштија од МНР, освен со својот домаќин, литванскиот министер ќе се сретне и со државниот врв на Република Македонија, како и со повеќе пратеници во македонското Собрание.

На агендата на разговорите на двајцата министри ќе бидат прашањата за динамиката и развојот на македонско – литванските билатерални односи, секторската соработка, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, како и литванската поддршка на процесот на интеграција на РМ во ЕУ и НАТО. Исто така, шефовите на двете дипломатии ќе разменат мислења и за повеќе актуелни прашања од регионални и меѓународни рамки.

Средбата Димитров – Линкевичиус, според агендата, ќе почне со потпишување спогодба за меѓународен превоз во патниот сообраќај, по што следуваат тет-а-тет разговорите.

Министрите ќе имаат и обраќања на панел дискусијата „Заеднички цели: стабилност на Балканот, безбедност на Балканот“ што ќе се одржи во МНР, во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции.