Делото на Свети Сава, една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, инспирира и осум века после неговата смрт и треба да служи како пример што треба да го следат и денешните генерации, истакна премиерот, Зоран Заев, во своето обраќање за време на свечената академија посветена на празникот Свети Сава.

Пред присутните високи преставници од Република Србија, Босна и Херцеговина, како и од Република Српска, Заев ги истакна многуте придонеси што Светецот ги има за развојот на српската култура и народ и по кои може да се препознае неговата големина: Втемелувач на самостојната српска православна црква и нејзин прв архиепископ, основач на царската лавра во манастирот Хиландар на Света Гора Атоска, просветител, основач на училишта и болници, дипломат, пишувач на првите закони во државата српска, молитвен застапник на сите кои преку него побарале помош од Бога, посредник и помирител меѓу раскараните браќа и народи.

Со еден збор, може да се каже дека Свети Сава е духовник и образец на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост ја избираат матрицата за својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат.
И не само на Српскиот народ. Неговата величина изникна од неговите корени и припадност на славната српска царска лоза Немањиќ. Но неговото дело, и особено неговата саможртва да се откаже од земските блага и права кои му припаѓаа по род, и да го прифати православното христијанство и Христос како негов личен живот, определба и делување, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа што тој така им приоѓаше на сите – како кон свои браќа, а не како странец кон странци – истакна Заев.

Како што истакна Премиерот, љубовта што што извирала од тој свет човек ја чувствувале сите народи коишто тој ги посетувал за време на неговите патешествија и мисии. Свети Сава оставил длабоки траги и почит за неговата љубов, дело и лик, и затоа ден-денеска во голем број православни цркви се слави неговото име и светост, и се изградени црковни храмови и манастири во негова чест, смета Заев.

Затоа кога зборуваме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме нашата определба, определбата на граѓаните на Република Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите.
Општество на различните граѓани, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.
Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Македонија, која тоа го прави угледувајки се на големиот светител Свети Сава – изјави Заев.