Ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери е единствен и тој значи дека овој пратенички состав Собранието нема мандат, ниту демократски легитимитет да отвори или менува Устав без да има потврда за тоа и понуда на решение на избори за што се изјасниле граѓаните, истакна на денешната прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски по средбата со Мануел Сарацин, специјален пратеник на Германија за Западен Балкан.

– Втората тема која што ја отворивме е дека е болен парадокс во време кога се разговара на политички теми поврзани со Европската Унија, истовремено во истата соба да имате седница на Комисијата за европски прашања каде се употребува европското знаменце за да се покрие досега можеби највисоката корупција на тајниот документ којшто го потпишале Артан Груби и Димитар Ковачевски за таканаречените делови од коридори. Друго што беше споменато е дека ги споделивме бројките кои велат дека 85 проценти од македонскиот народ е против ваквото наметнато уценување и барање за промена на Уставот – рече Милошоски.

Тој информира дека на Сарацин му посочил оти сериозни невладини граѓански организации што се занимаваат со европските интеграции подолго време укажуваат на тоа дека нивната проценка е дека ова нема да биде ниту прво, ниту последно барање или уцена од Бугарија и дека затоа треба претпазливо да се пристапи кон оваа непромислена преземена одлука за да не се соочиме со втора, трета или четврта блокада, уцени кои што ќе доаѓаат на сметка на некакви историски прашања.