Во корист на тезата дека македонскиот државен и безбедносен врв знаел за ерменскиот дипломатски рекет поранешниот министер за надворешни работи Антонијо Милошоски објави досега необјавен документ.

Документот е допис од Бирото за јавна безбедност, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за корупција, со кој од МНР бара податоци за дипломатите поради сомнение за сторени кривични дела.

Документот е потпишан од виш инспектор Синиша Велковски, a во БЈБ е заведен на 29 јануари 2020 година.

Во тоа време Македонија има техничка влада на чело со Оливер Спасовски, а на чело на Организиран криминал е Лазе Велковски, сменет пред неколку месеци.

-Овој документ од македонското МВР немало да дојде до македонското МНР доколку ерменското МВР не инсистирало на истрага. Ерменското МВР и обвинителство, кои веќе отвориле истраги за неколку блиски соработници на долгогодишниот ерменски претседател и неговиот брат, до нив допрел глас дека е можно на Левон Саргасијан да му било овозможено да ја напушти Ерменија со помош на тројца македонски дипломати. Затоа сметам дека ерменското МВР инсистирало на комуникација со македонското МВР во 2019 година кога Оливер Спасовски се уште бил министер за внатрешни работи. Сигурен сум дека до него допреле овие информации. Така што сметам дека уште во 2019 година во најмала рака знаеле министерот за внатрешни Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој тврди дека ги известил сите други безбедносни институции. Тоа значи дека ги известил АНБ, во тоа време УБК, и Дирекцијата за класифицирани информации. Но, очигледно е дека никој не реагирал, ја објаснува Милошоски тежината на овој документ.