За дипломатскиот скандал премиерот Зоран Заев вели дека прво ќе чекаат да го видат предметот кој се води во Ерменија и потоа ќе бидат соопштени детали. Според него, Ерменија не е земја од соседството и дека и за политичарите не е многу познато што се случувало.  Тој повтори дека дипломатот Миле Миленковски, по кого е распишана меѓународна потерница е наш граѓанин и дека ќе стојат зад него и неговите права сѐ додека не се докаже дека се огрешил од законите. Доколку се докаже дека е виновен, дипломатот ќе одговара, вели премиерот.

– Се работи за наш граѓанин и апсолутно за секој наш граѓанин стоиме зад него додека не се докаже дека направил кривично дело надвор од државата. Дипломатите дел работи ги извршуваат дома и дел надвор од државата. Овој дипломат бил доста активен и во времето на ВМРО-ДПМНЕ, во времето на Антонио Милошоски и на Никола Поповски кога тој бил назначен во ОБСЕ. Сите детали кои ќе стигнат од аспект на МНР и на правда ќе бидат соопштени, рече Заев.

Тој повтори дека никој не треба да го прогласиме за виновен додека не се докаже.

– Но, штом има прифатено меѓународна потерница тоа значи дека една држана веќе издала правен акт, а тоа е Ерменија и тоа е докажано во таа држава. Наше е прво да го видиме предметот и да ги видиме доказите. Тоа што го знам е од медиумите, немаме уште добиено предмет. Но, секој треба да одговара ако го прекршил законот. Се работи за една земја, која не ни е толку позната. Не е некоја од соседството, не ги знаеме деталите. Јас првпат се научив дека таму имало некоја власт којашто се сменила, па некој брат на тогашен премиер или претседател. Навистина ни е непознато и на нам политичарите. Кога ќе има детали ќе биде објавено, рече Заев.