Пратеникот Антонијо Милошоски денеска информира дека Предлог-законот за учебници и и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој предизвика поделени мислења во јавноста, е повлечен од собраниската процедура.
-Информација: После силните реакции од јавноста, од собраниска процедура вчера е повлечен Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски за „Слободен печат“ објасни дека предлогот е повлечен и засега не може да се започне со негова расправа.
-Ако не беше повлечен предлог-законот ќе следуваше свикување на Комисија за образование и почнување на расправа по истиот предлог-закон, за потоа истиот да стигне до пленарна седница за да се усвои или да не се усвои. Меѓутоа, бидејќи сега е повлечен, тоа значи дека Владата се откажува од предлогот кој го доствила, изјави Милошоски.
Според него, Владата има право овој предлог-закон повторно да го достави до Собранието, но штом сега го повлекува веројатно ќе го достави во поинаква форма или пак подоцна.
Во последните неколку денови наставници, политичари, но и родители бурно реагираат на социјалните мрежи во однос на дигитализацијата на учебниците, објаснувајќи дека многу училишта се уште ги немаат ниту основните средства за настава.
И од Сојузот на средношколци вчера нагласија дека се против дигиталните учебници. Според нив, дигитализацијата е добар чекор напред, но бараат воведување на белгиски модел на дигитализација на образованието каде родителите и учениците сами ќе одберат дали ќе учат од печатен или електронски учебник.
Comments are closed for this post.