„Баклавата е изедена-тепсијата стоо“. Ова е само еден од легендарните „бисери“  на премиерот на нашата земја како што Заев милува да ја нарекува Македонија. Колку баклавата односно државата е изедена покажува и вчерашната посета на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Европската унија.

И покрај тоа што Вучиќ има свои грижи и мора да го решава прашањето на Косово, тој најде време и за нашите проблеми. Со неверување одекна веста дека првиот човек на Србија заедно со ЕУ ќе ја реконструира пругата и низ Македонија долж Коридорот 10 до грчката граница. Па дури и прецизно пресмета дека од Белград до Скопје ќе бидат потребни три и пол часа наместо 7-8 колку што треба со сегашниот „брз воз“.

Очигледно е дека Вучиќ станува регионален играч додека политичарите од нашата земја играат во општинска лига.

Јасно е дека Вучиќ ова го прави со цел побрзо да може од Србија да се стигнува до Грција и стоката од солунското пристаниште полесно да се транспортира кон неговата земја. Но, од оваа негова амбиција и ние во Македонија ќе видиме некава корист.

Дека Вучиќ е сериозен во она што го наумил покажува и тоа што Србија е меѓу водечките во светот во вакцинација додека Македонија чека милостина. Првата помош дојде токму од Србија, а и се уште повеќе наши граѓани се вакцинирани во Врање, Ниш и Белград отколку дома.

Како „благодарност“ до Вучиќ Филипче рече дека нема да набавуваат руски вакцини од Србија, за по еден ден исто како неговиот ментор Заев да го смени ставот.

Затоа, Заев и компанија треба да учат политика од Вучиќ, дека почит и доверба не се стекнува со умилкување и понизност туку со цврст став.

И да, Пендаровски е денеска во Брисел.