Од соопштението на македонската влада разбравме што премиерот Зоран Заев му кажал на неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис за време на нивната прва средба како премиери вчера во Њујорк во рамки на Генералното собрание на ОН. Но, што кажал Мицотакис?
Грчките медиуми повикувајќи се на „владини извори“ пренесуваат дека Мицотакис се сретнал со лидерите на Западен Балкан Еди Рама, Хашим Тачи, Александар Вучиќ и Зоран Заев. На средбата со Заев биле и министрите за надворешни работи (согласно протоколите).
Ефимерида повикувајќи се на владиниот извор истакнува дека Мицотакис му рекол на Заев тоа што го повторувал во предизборниот период – дека тој лично немал да го потпише Преспанскиот договор и оти направил се тој да не се ратификува.
Како и да е, рекол тој, по неговата ратификација тој договор е дел од меѓународното право, па затоа Грција мора да го почитува.
Мицотакис побарал од својот македонски колега да се избегнуваат одлагања на делови од договорот, особено во делот за заштита на трговските марки.
Ефимерида цитира дека Заев рекол:„Здраво, јас сум Зоран Заев и мило ми е што конечно ве запознав“.
Заев истакнал дека спроведувањето на Преспанскиот договор ќе помогне за грчките инвестиции во Македонија.
Инаку, Мицотакис требаше да се сретне и со американскиот претседател Доналд Трамп, но таа средба е откажана заради домашни проблеми на Трамп со Конгресот.
Comments are closed for this post.