Премиерот Зоран Заев денеска во Њујорк ја оствари првата средба со претседателот на Владата на Грција, Кирјакос Мицотакис.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата премиерот Заев кажал дека Владата е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.

Премиерот Заев нагласил дека македонската Влада е подготвена за целосно спроведување на Акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Грција и  Македонија, како што е предвидено со Договорот од Преспа.

Договорот, според него, е историски чекор и значаен договор за градење добрососедство, поблиска соработка и конструктивни и позитивни односи меѓу двете земји.

Тој на средбата уште кажал дека за почит е фактот дека Грција беше првата земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО во постапката за полноправно членство која ќе биде финализирана наскоро. Заев, исто така, информирал за напорите за зајакнување на спроведувањето на тековните реформи со цел да се отвори простор за почеток на преговорите за влез во ЕУ за што се очекува позитивна одлука во октомври годинава.

Притоа била изразена поддршка од грчкиот премиер за отварање на преговори со ЕУ и било нагласено дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Македонија.

На средбата беше заклучено дека унапредувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и директните инвестиции се од взаемна корист за сите граѓани од двете држави, стои во соопштението на владината прес-служба.