Поддржувачите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ вечерва повторно излегоа на протест да го искажат својот револт од политиките кои ги води актуелната власт и повторно побараа оставка.  Маршираа од пред партиското седиште, до пред зградата на Владата.

Пред Владата се обрати опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски кој порача:

Време е да кажеме доста на она што на Македонија и го прави оваа Влада.

На протестот пред Влaдата, кажа дека за темата на името не сака да гради кариера. Вели постојано го прашуваат што мисли на оваа тема.

Не ја избегнувам ме боли и ме пече. Јас можам да зборувам со сабајле на оваа тема. Но се борам, и ве повикувам сите да се бориме во оваа нерамноправна битка. Зошто да зборам за нешто што ме боли. Јас на оваа тема не сакам да градам кариера. Не сум ниту ни јас безимен, ниту мојата нација, ниту мојот нарад. Ова е македонски горд народ кој има свое право да ја именува својата држава во Република Македонијакажа Мицкоски.

Го коментираше и скандалот за прислушкувањето на судии и обвинители. Мицкоски обвини дека власта не знае како да се испере за овој скандал, па затоа прво рекле дека се снимало од 30 септември 2016 година, за подоцна како што потенцираше да им текне дека тогаш технички министер за внатрешни работи бил Оливер Спасовски, за на крај да кажат дека всушност, се снимало од 2013 година.

За бадијала се мачите. За бадијала се трудите и мене да ме испрљате и да го извалкате името на ВМРО-ДПМНЕ и сите членови. Не ви проаѓа повеќе картата на емоција. Народот не ве сожалува, не сте жртва. Вие сте ловците на овој народ. Вие сте ловците на Македонија и на македонскиот народ. Народот ќе ве осуди. Како да ви веруваат овие луѓе дека имаме независно судство, дека имаме независно обвинителство, кога ќе излезе министерот за внатрешни работи и ќе каже,  не се секирајте, не се грижете, материјалите се на безбедно. Каде? Кај него во фиока за да може да ги уценува судиите и обвинителите?“, запраша Мицкоски.

Ја обвини власта за монтирање случаи и уценување на обвинителите и судиите.

Ќе дојде денот кога судијката Кацарска и обвинителката Русковска ќе ви го завртат грбот и ќе пропејат за сите нарачки, за сите уцени кои што им ги правите– рече Мицкоски.

На власта и порача дека е доста и дека ќе ги победат, а како што рече тоа ќе го видат на следните претседателски избори.

Сонот на секој граѓанин е да ги гледа своите најблиски среќни и весели, но луѓето стануваат се поразочарани, гледајќи дека нема иднина. Оваа влада неможе да понуди ништо со што квалитетот на животот ќе биде подобрен. Секаде околу нас гледаме нешто што само со еден збор може да се опише, а тоа се црнила, истакна Мицкоски.

Протестот е втор во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако минатиот месец Извршниот комитет на партијата донесе одлука во наредниот период да организира протести против политиките на власта.