Владата нема успеси буквално во ниту едно поле. Го слушам премиерот и вице премиерот се фалат со гасификацијата која во реалноста целосно ја заглавија. Готов проект кој требаше да продолжат да го реализираат, а го успорија, го заглавија, гасификацијата на домаќинствата уште долго ќе се чека, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по посетата на Кисела Вода.

Им оставивме готов проект за секундарна и терцијална гасификација со која гасот ќе стигнеше до секој дом, но власта го поништи распишаниот тендер кој требаше да се случи, затоа што тогаш велеа дека тоа не чини, ќе смислеле нов начин. Изгубивме цели две години, за да пред извесно време речат дека сепак ќе формирале комисија за распишување на ист таков тендер. Значи не само што изгубивме цели две години, вистинско прашање е кој инвеститор ќе имвестира во ваков еден сложен проект кој треба да го менаџира вака една неспособна влада. Дури и да се случи чудо, да почнат да работат како што до сега не работеле, за цели четири години нема да има домаќинство кое ќе го користи гасот како енергенс. Загубено време и непоправлива штета поради нивната неспособност – напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по посетата на Кисела Вода.