Преговорите меѓу работните групи за Специјалното јавно обвинителство се сé уште на почетни позиции, оцени денеска од Штип, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Забележа дека иако на почетокот министерката за правда Рената Дескоска и премиерот Зоран Заев се согласиле со принципите на ВМРО-ДПМНЕ, но како што вели, како одминува времето гледа дека не се согласиле со принципите на нивната партија, туку единствен мотив им е продолжување на политичкиот прогон и селективната правда.

„Во рамките на работните групи немаме напредок, туку напротив имаме класична манифестација на неменаџерски капацитети од страна на министерката за правда, Дескоска. Таа сé уште се служи со оние празни фоскули, или празни наративи од времето кога СДСМ беше во опозиција. Но, денеска таа е министер во едно министерството и  покрај тоа што е професор на Правниот факултет треба да има и менаџерски капацитети“, вели Мицкоски.

Тој истакна дека во моментов не е оптимист за преговорите, но смета дека треба да им се даде шанса, бидејќи се од исклучително значење, со цел како што вели, во земјава да се врати правната држава, а не дешеново судство и обвинителство.

„За нас како ВМРО-ДПМНЕ важно е да немаме селективна правда, туку правда навистина за сите и не правда за определена политичка партија и определени политичари. Ние остануваме во рамките на тие работни групи, ќе се обидеме да понудиме нови креативни решенија. Се разбира доколку има и минимално чувство на одговорност од страна на Владата дел од овие амандмани, а зошто да не и сите, тие да ги прифатат, да ги вградат, да појдеме во Парламент и да ги изгалсаме и понатаму Македонија како правна држава да се движи понатаму“, рече Мицкоски.

Тој денеска имаше средба со здруженијата на инвалидските организации во Штип во врска со новиот Закон за социјална заштита, за кој како парламентарна група поднеле повеќе амандмани, но како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска не нашла за сходно да ги види.

„Го истуркаа законот без да прифатат ниту една сугестија, ниту еден амандман што беше поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, иако морам да признаам и јас присуствував на еден од тие состаноци заедно со лицата со посебни потреби и лицата, кои се со телесен инвалидитет. За жал надлежното министерството не успеа да најде, да собере храброст, ниту пак да има слух за сите потреби на овие лица“, рече Мицкоски.