Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во вечерашниот тв дуел со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Канал 5 уште еднаш повтори дека ќе ги причека резултатите од истрагата за трагедијата во тетовската модуларна болница, па дури потоа ќе донесе одлука за оставките на министерот Венко Филипче и неговиот заменик.

Заев истакна дека вештачењата ќе бидат само еден инпут во донесувањето на неговата одлука.

Тој го осуди барањето и постојаното инсистирање на опозицијата за оставка на Филипче, нагласувајќи дека е мотивирано единствено од желба за власт и собирање политички поени. Потврди и дека за пуштањето на модуларната болница во употреба биле исполнети сите законски предуслови. За такви објекти, истакна, се прави примопредавање, не се дава употребна дозвола.

-Се случи страшна трагедија, оргомна загуба. Оставките се поднесени од морални причини, а одговорноста кај Владата и Министерството за здравство е голема. Сакам да ги знам деталите од истрагата, да ги слушнеме точните причини – од што настанал пожарот, дали имало слабости и кој е одговорен, за да ја донесам одлуката, рече Заев.

Тој напомена и дека во услови на пандемија, Филипче и неговиот заменик сработиле многу и исклучително сериозно, се соочиле со сите предизвици, а пандемија уште има и ќе има поради што, мора да се внимава многу на одлуките.

-Како што реков, ќе ги почекам анализите и деталите за да ја донесам конечната одлука, но тоа е само еден инпут во одлуката, тука е и другата одговорност – континуитетот, зашто допрва ќе имаме сериозни предизвици. Јас сум премиер и како Влада е многу важно какво одлуки носиме зашто сме одговорни за системот, граѓаните и државата, рече Заев.

Откако Мицкоски во текот на дуелот го обвини за трагедијата наведувајќи дека модуларната болница била пуштена во употреба без соодветен документ и посочувајќи дека не е потребна само морална, туку и кривична, како и политичка одговорност, Заев возврати дека тоа се лаги искажани исклучиво за политичко профитерство.

Желбата за власт да го прави човек толку политички профитер ви личи само вам. Вие сте и истражител и судија и обвинител, му рече Заев на Мицкоски.

-Буквално од ракав „тропате“ работи кои се далеку од секоја можна вистина. Модуларните болници се направени како во сите земји, спроведена е постапката согласно закон, а ние не треба да коментираме делови од истрагата. Се е според закон, испочитувани се сите прописи. Толку да бидете политички ориентиран за пуста желба за власт и за политичко профитерство да ја злоупотребувате оваа трагедија ви личи само вам. Да се злоупотртебува за политички цели оваа страшна трагедија е проѕирно и тоа граѓаните го гледаат. Сите жалиме, но прашањето е како се поставувате како одговорен човек. Одговорноста кај мене е поголема зашто сум премиер. Поставивме модуларни контејнери претходно сработени во фабрики и за такви објекти се прави примопредавање, не се дава употребна дозвола. Објектите се поставени за да не ни се случи италијанското сценарио, како што е и секаде во светот. Злоупотребата на оваа трагедија за политички цели народот ја препознава, истакна Заев, обраќајки му се на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

За трагедијата, подвлече, ќе бидат дадени одговори на сите можни прашања. – Банално е дали некој може да го замени Заев во СДСМ, за тоа реков дека е банално зашто никој не е незаменлив па ни Заев, објасни Заев.

Ова трет дуел на лидерите на двете најголеми партии, Заев и Мицкоски.