Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, по денешната средба со коалиционите партнери, ги повика сите опозициски сили во земјата да се обединат во коалицијата Обнова за Македонија, со цел да се собори актуелната владејачка структура предводена од премиерот Зоран Заев.

Мицкоски изјави дека на денешниот состанок било договорено да се испрати порака до севкупната опозиција во Македонија, за формирање на опозициски блок.

– Повикувам на здружена опозиција. Секоја разлика меѓу нас е помала од желбата за промена на власта. Подовам рака за обединување на опозицијата. Македонија мора да победи и се наоѓаме на чекор од тоа, порача Мицкоски.

Лидерот на најголемата опозициска партија посочи дека сè уште не е донесена одлука за поддршка на опозициските кандидати во вториот круг на изборите, кои не се дел од коалицијата, но дека наскоро и тоа би можело да се промени.

– Секако дека ќе ги поддржиме нашите коалициони партнери во Центар Жупа или Карпош, а секако дека ќе ги поддржиме и кандидадите од Алијанса на Албанците. Но, за другите сè уште немаме одлука. Опозициските гласови значат промена на власта, поканата е испратена до сите политички партии, вклучувајќи ја и Левица, истакна Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со констатацијата на премиерот Заев дека во вториот круг СДСМ ќе оствари победа, Мицкоски порача дека неговата партија веќе триумфирала на локалните избори.

– Откако велеа дека се најдобри, сега од СДСМ велат дека ќе носат прогрес. Прогрес на поскапувањето, криминалот, корупцијата, прогрес на личниот имот за сметка на сиромаштијата. Тоа не е прогрес, туку осиромашување на народот. Не сакам да ги коментирам математиките на Зоран Заев, бидејќи тоа е антиматематика. Очекувајте бруталност од Спасовски, насилниците да бидат уште понасилни како притисок против опозициските партии во пресрет на вториот круг, изјави лидерот на најголемата опозициска партија.

Мицкоски објасни дека во моментов од партијата се фокусирани на локалните избори, а на реализација на другите планови околу промената на власта од неговата партија ќе се фокусираат по изборите.