ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со митингво Охрид на Градскиот плоштад ја започнаа изборната кампања за Претседателските избори 2019 година.

„Од овде, од Охрид ги почнуваме сите наши битки и патишта, тука е почетокот на сите наши премрежја на сите мегдани.“

Со оваа порака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го започна своето обраќање на вечерашниот митинг.

Тој е уверен дека на претеседателските избори ќе победи професорката Гордана Силјановска Давкова.

„Ќе победиме бидејќи треба правда, ова е нашата борба против неправдите, борба против злото кое денес ги преокупира нашите животи. Оваа наша битка денес нè обликува и нè дефинира. Има работи во животот за кои вреди да се бориш. Ова е тоа време, ова е таа наша борба, ова е борбата на нашата генерација, борбата по која ќе се паметат храбрите, мотивираните и одлучните.  Ова е борбата за иднината на Македонија. Ова не се само локални и претседателски избори. Ова се избори каде се одлучува за Македонија и нашата иднина, иднината на вашите семејства, ова е борба за правда, принципи и вредности.  Ова е шанса за исправање на сите неправди сторени кон нашата татковина, кон вас, кон вашите блиски.  Овие избори ќе дадат одговор на прашањето ќе нè биде или не, како земја, како Македонија, а мора да нè биде“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека најголеми се оние победи кои се извојувани со мудрост и решителност.

„И таква решителност ни треба на 21 април и 5 мај каде со вашата одлука влијаете на иднината. Ве молам да внимавате нема простор ниту повеќе време за губење, ниту пак време за продолжена надеж дека ќе направат било што добро. Ајде да ги поразиме и да ги испратиме на темната страна на историјата“, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека на државата и  треба претседател кој ќе води суверено, силно, уверливо и посветено.

„Професорката Гордана Силјановска Давкова е таквиот избор. Исклучителен интелектуалец без ниту една дамка во својот професионална и животна кариера. Борец, цврст карактер. Има противници кои ќе речат, не критикувала во минато. Да точно е тоа, но тоа и дава огромна додадена вредност. Тоа докажува дека професорката Силјановска има интегритет  и кредибилитет на кажаниот збор. А тоа во денешно време е најважно“, истакна Мицкоски.