Бугарија не е подготвена на реципроцитет и да го признае македонското малцинство, а од нас бара вклучување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на гробот на Гоце Делчев по повод 150 години од неговото раѓање, запрашан за тоа што барал бугарскиот премиер Кирил Петков за време на средбата минатиот месец.
– Споменаа тоа што го кажаа и во јавноста за промена на Уставот и да биде вклучен дел од бугарскиот народ, незначително бугарското малцинство во Уставот, а за тоа не се подготвени на реципроцитет на за значителен дел од македонскиот народ кој живее кај нашиот источен сосед, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека Бугарија исто така не е подготвена да ја тргне понижувачката фуснота за македонскиот јазик и да признае дека е засебен и различен од бугарскиот, но и го злоупотребува членството во ЕУ за да ја уценува Македонија за да прифати заедничка историја.
– Сакаат да се обидат и да ја злоупотребат положбата што се членка на ЕУ да не натераат да прифатиме дека од среден век од Првото Бугарско Царство се до 1945 година имаме заедничка историја и сме биле еден народ Бугари. Тоа нема никогаш да го прифатиме, потенцираше Мицкоски.
Comments are closed for this post.