Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, денес беше во посета на Свети Николе како дел од теренските активности кои што трета недела течат.

Она кое што можам да го заклучам и врз основа на информациите и впечатоците кои што ги добивам е дека македонската економија е буквално на колена, разурната, тешко се стопанисува, тешко се остварува приход, македонската економија е во рецесија, нема развој, ниту пак има било каков план за развој на македонската економија и сето тоа е така поради погрешните политики на СДСМ и Зоран Заев. Откако се власт, успеа да ја задолжат државата за 2 милијарди евра, а назад да вратат во македонската економија нема ништо, бидејќи ако ја видете бројката на почетокот од формирањето на првата влада на СДСМ и Зоран Заев, мај 2017 и ја споредите со бројката со која што ја завршивме 2020 година ќе видиме дека БДП е ист, а задолжувањето се зголемило за цели 2 милијарди евра – рече тој.

Порача дека практично немаме раст, немаме никаков раст на македонската економија, а имаме задолжување поголемо од 2 милијарди евра.

Но, затоа пак имаме мултимилионери во едно семејство кое што е владејачко во државата, односно семејството на премиерот Зоран Заев. Зошто Македонија е сиромашна земја со богат премиер, ќе добиете одговор на ова прашање со едноставно споредување на богатството еве да речеме на семејството на францускиот претседател господинот Макрон, или пак германската канцеларка и ако го споредите со богатството на семејството на нашиот премиер, ќе добиете одговор дека семејството на нашиот премиер, е два до три пати, или пет, или десет, или сто пати би рекол побогати од семејствата на европските лидери. Затоа имаме сиромашна држава, држава во која што цвета криминалот, цвета корупцијата, а имаме сиромашни граѓани, економија во рецесија, на врвот сме на листите по перцепцијата за корупција и криминал, на дното сме по развој на економијата, на дното сме по бруто инвестициите, на дното сме по директните странски инвестиции – истакна тој.

Мицкоски посочи дека денес е во Свети Николе за да го поддржи сето она кое што македонската економија го создава како додадена вредност.

Тука сме во фабриката МИК Свети Николе, месната индустрија практично Свети Николе. Разговараме со вработените, поддршката ја имаат, јас секогаш ја стегам раката пред овие современи херои и патриоти кои што практично обезбедуваат егзистенција за стотица македонски семејства и наши сограѓани – рече тој.