Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на  Стопанска комора на северо-западна Македонија околу Изборниот законик јавно ја повика Владата да собере сили и да ги набави терминалите за отчитување на отисок од прст.

Прво што треба да се направи тоа е еден сериозен однос од страна на Владата и да ги обезбеди тие терминали. Соседна Албанија веќе ќе ги применува тие терминали на следните избори што треба да се случат во април. Процедурата ја отпочнале и завршиле во рок од три месеци. Ние апелираме веќе еден месец да се отпочне таа процедура, којашто е законско решение, во членот 108-а многу јасно стои дека на следните локални избори гласањето мора да биде со помош на овие терминали за отчитување на отисок од прст или познати во јавноста како фингерпринт терминали, изјави Мицкоски.

Во рамките на октомври минатата година, претходниот претседател на Државната изборна комисија до министерот за финансии побарал средства за набавка на терминалите, но не добил одговор, рече Мицкоски.

Новиот претседател на ДИК, колку што успеав да слушнам во медиумите, повторно побарал и добил одговор дека парите ќе бидат обезбедени во ребалансот, но дали ДИК е подготвена да го спроведе Законот. Тоа е исто како да ве прашаат дали сте вие подготвени на семафор на црвено да застанете или да продолжите. Се знае има правила има закони има Устав во оваа држава. Ако тоа е закон, тогаш треба законот да се почитува и да се применува. Така што веднаш ги повикувам надлежните институции, да и излезат во пресрет на ДИК и ова што е законско решение за кое гласале сите политички парламентарни партии, да биде операцијализирано, истакна Мицкоски.