Европската перспектива е се повеќе загрозена од клиентелизмот на Заев и власта, неспособноста и егоистичните мотиви да се владее за свој личен бенефит, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во денешното видео обраќање лидерот на опозициската партија потенцира:
„Станува јасно дека стратегијата на Зоран Заев беше власт по секоја цена, но не власт за да биде подобро за сите, туку да има разграбување и подобар живот на неколкумина од оваа влада. Откако самиот тој увиде дека сменетото име нема да биде доволно за да се одржи на власт, и да ја дефокусира јавноста од редицата скандали, и измами, пресметката му беше дека оваа празнина ќе се покрие со ветувањето за европската иднина. Но таа со овој човек нема да дојде, нема да дојде затоа што зборовите за европските вредности кои ги изговара се празни, празни без суштина, без делата кои ги нема. И токму тоа отсуство на резултати во работата на оваа Влада не оддалечува неповратно од Европската Унија.
Микро светот на Заев станува негов однос кон Светот нанадвор. Па така сега гледаме она што го правеше кон опозицијата, уцени, закани и заплашувања во една ублажена форма, го применува и практикува кон нашите партнери земјите членки на Европската Унија. И затоа никако поинаку не може да се разбере неговото условување дека ако не му се прогледа низ прсти, и не и бил доделен датум за преговори ќе имало избори на кои можело да дојде радикалната десница“, вели Мицкоски.
Според него ова го покажува вистинскиот карактер на Зоран Заев, како што го нарекува еден мал деспот среде Балканот кој и се заканува на Европа и тоа без аргументи.
„Време е да си погледаме во очи и да си признаеме дека оваа власт не ја бива. И Европа нема да дојде само затоа што власта го смени името, туку затоа што не работи ништо за постигнување на стандарди. А од почетокот велев дека Европската Унија е пред стандарди кои мора да се постигнат. Нема ниту една реформа мерка или подобрување кое ќе го изнесе на маса и поради кои ќе ги убеди европските партнери дека заслужуваме датум за преговори“, додава Мицкоски.
Според него премиерот Заев со оваа изјава признал дека е на стаклени нозе оваа влада и дека ќе победи ВМРО-ДПМНЕ и десниот блок, која како што вели не само што не е радикален елемент туку ќе биде носител на промените и обновата на оваа земја.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе се однесува одговорно, и ќе се бори земјава да добие датум за преговори, и покрај сите скандали, неработа, промашувања и измами на власта, затоа што граѓаните не заслужуваат да бидат жртва на неспособната Влада која започнува да шири евроскептицизам“, потенцира Мицкоски.
Опозицискиот лидер ја коментира и изјавата на премиерот за двете Нобелови награди кои би ги одбил Заев во замена за датум за преговори.
„Јас би порачал, дека јас би ги одбил сите награди на Светот само Зоран Заев не биде премиер на Република Македонија, бидејќи тој е вистинската пречка за развојот на Република Македонија и среќата која граѓаните ја заслужуваат“, вели Мицкоски.
Comments are closed for this post.