Никола Мицевски, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска од Собранието се обрати на јавноста по повод вчерашното гласање за доверба на владата. Тој смета дека Зоран Заев спровел шверцерско гласање за доверба, и тоа го претставил како нешто големо, но дека на оваа Влада се гледа крајот.

Денес, еден ден откако Зоран Заев си купи привиден мир со шверцерско гласање на доверба на Влада и тоа го претстави во јавноста како небаре да ги донесол Гугл и Фејсбук и како небаре да набавил милион вакцини, сепак реалноста е иста како и претходно.

Се’уште немаме вакцини и секојдневно луѓе умираат заради тоа, се’уште економијата е пред колапс, се’уште Република Македонија е презадолжена, 55 илјади луѓе кои останаа без работа во последната година се’уште се невработени. Тоа е нашата реалност со Зоран Заев на власт.

Заев не промени ништо, не донесе подобро. Заев во текот на вчерашниот ден, очигледно во паника, правеше циркус за да си купи привиден мир и да го оттргне вниманието на народот од вистинските проблеми, но и од фактот дека коалицијата полека, но сигурно нема доверба во владата.

Имено, Зоран Заев исплашен од ВМРО-ДПМНЕ побрза да предложи точка на дневен ред – гласање на доверба на влада и тоа по итна постапка на самата седница, со цел да не може да се дискутира во Собранието за лошите и катастрофалните политики на власта.

Вчера Заев само покажа дека нема доверба во своето мнозинството и својата коалиција и затоа мораше да ги тестира.

Со овој очајнички и паничен потег, Заев мисли дека си купил 90 дена мир, но очигледно не го знае членот 92 став 5 од Уставот на Република Македонија, каде многу јасно и децидно вели, цитирам:

Повторно прашање за доверба на Владата не може да се постави пред истекот на 90 дена од последното гласање за доверба, ОСВЕН ако прашањето за доверба го постават мнозинството од вкупниот број пратеници.

Оттука, му порачуваме на Зоран Заев дека на неговата „купи ден, продај“ евтина и популистичка политика, полека но сигурно и се гледа крајот, рече Мицевски.