Вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска на маргините на Бледскиот стратешки форум остварија средба со Метју Палмер, специјален претставник на САД за Балканот, соопшти прес-службата на Владата.
На средбата, како што се наведува во соопштението, фокусот на разговорите беше ставен на динамиката на процесот на зачленување на Македонија во НАТО и севкупното значење од интегрирањето на земјата во Алијансата, како и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, за регионот и пошироко. Биле разменети мислења и за внатрешно политичките актуелности во земјата, а се разговараше и за случувањата во соседството.
„САД силно ја поддржуваат Северна Македонија во реализацијата на своите стратешки цели – полноправното членство во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Северна Македонија постави пример во решавањето на политичките прашања и отворањето на подобри перспективи за своите граѓани. Криминалот и неговите протагонисти ќе бидат казнети без исклучок, неказнивоста во земја членка на НАТО со европска иднина, не е опција“, било речено на средбата.
Министерката Шекеринска истакна дека „оваа генерација политичари го направи чекорот за својата земја, го обезбеди членството во НАТО и го заслужи почетокот на преговори со ЕУ следниот месец. Тоа е патот по кој одиме, каде нема место за калкулации со одговорноста. Предметите на СЈО ќе имаат пресуди, секој што се огрешил пред Законот ќе одговара, без исклучок“, рече Шекеринска.
Специјалниот претставник на САД, за Западен Балкан повтори дека правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. „Местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ“, рече Палмер.
„НАТО промовира стабилност и во време на неизвесност, мудро е да го забрзаме процесот на интеграција за да го зацврстиме регионот и да го прифатиме своето европско ветување“, истакна Димитров.
Comments are closed for this post.