Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека и натаму останува на ставот дека идниот претседател на Европската комисија треба да се избере меѓу т.н. „водечки кандидати“ што за оваа функција ги предложија европските партии пред мајските избори за Европарламентот, иако признава дека таквиот принцип ќе биде тешко применлив имајќи ја предвид поделбата меѓу европратениците.

Имаме заедничка одговорност за Европа. Се надевам дека ќе можеме да дојдеме до решение што нема да го отфрли принципот на „водечките кандидати“, но кое во исто време ќе и овозможи на Европа да биде ефикасна. За такво нешто секако ќе мора малку да се потрудиме, нагласи Меркел.

Поаѓајќи од принципот што го застапува Меркел, за нов претседател на Еврокомисијата би требало да биде избран Германецот Манфред Вебер кој беше „водечки кандидат“ на Европската народна партија (ЕПП), која има најголем број пратеници во Европарламентот.

Меркел, сепак призна, дека сите членови на Европскиот совет не го делат нејзиното мислење околу принципот на избор на новиот прв човек на Еврокомисијата.

Ние многу ги цениме француско-германските односи и мораме да прифатиме дека претседателот на Франција има поинаков став од мене (за ова прашање), додаде Меркел.