Владата ќе формира меѓуресорско тело, кое ќе ги координира обврските произлезени од Преспанскиот договор, зашто пред нас претстојат многу активности, изјави на вчерашната средба со новинарите министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Со Договорот од Преспа практично поместивме планина, со што, практично, покажавме дека можеме  да имаме иднина. И кај нас и кај соседите претстои едно политичко прегрупирање на сили за одење напред и на тие, што влечат назад. Но, ќе им покажеме дека заедно сите можеме да одиме напред, рече Димитров.

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, изјави дека властите и во Македонија и во Грција со ратификацијата на Договорот донеле вистинска одлука, иако и едните и другите притоа наишле на сериозни проблеми, посебно тие во Атина, кои минувале низ минско поле и преживеале вистинско политичко торнадо. Според неа, нашата влада ја потврдила својата визија за поинаков Балкан, визија за 21 век.

Со обезбедувањето услови за исполнување на ветувањата за безбедност и стабилност, што го правиме со потпишувањето на протоколот за членство во НАТО, ние широко ги отвораме вратите за економска перспектива на државата и граѓаните. Ние не сме  гаталци, туку паталци. Свесни сме дека граѓаните имаат високи очекувања. Но, ако успеавме со НАТО, со безбедноста и стабилност ќе успееме и внатре, додаде таа.

Според вицепремиерот Бујар Османи, Македонија станува успешен наратив против евроскпетицизмот. Тој се пофали дека бил првиот, кој на денешната владина седница говорел на албански јазик, притоа додавајќи дека Македонија добива кохезивно општество кое силно граби напред, а наредните два месеци се клучни за реформите и потврда на датумот за почеток на преговорите со ЕУ.

Само небото е граница во можностите, што ни се отвораат, потенцираше тој.

Во фокусот на вниманието на вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беа реформите во безбедносните структури и формирањето на Антикорупциската комисија.

Шекеринска, Спасовски и Димитров, чии имиња се споменуваат како консезуални кандидати за претседателските избори, не одговорија децидно кој од нив ќе учествува во изборната трка, оставјќи простор за тоа да одлучат партиите, коалициските партнери, но пред се расположението на граѓаните.

.