Најавата за заминување на медицински сестри од Инфективната клиника во Скопје отвори сериозна дебата. Главната сестра и уште две други медицински сестри од Клиниката поднеле оставки, по што министерот за здравство Венко Филипче ги убедуваше да не го прават тоа. По средбата со нив министерот изјави дека разговорите со нив ќе продолжат и ќе направи се за да ги задржи во јавното здравство.

Се договоривме после заслужениот одмор кој го земаа, повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со ковид на Инфективната клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам се да ги мотивирам здравствените работници, рече Филипче.

Главната медицинска сестра како причина за отказот наведува дека професијата и е деградирана.

Од Здружението на медицински сестри денеска рекоа дека ако не се решат нивните проблеми ќе има уште откази. Претседателката на здружението Гордана Бешлиовска, изјави дека не им е решен статусот на сестрите, односно не е дефинирана нивната работа.

Тоа значи дека сестрите не си ги знаат своите задачи. И на тој начин не треба да барате одговорност од нив. Ако не биде решен статусот, тогаш ќе се случува уште поголем одлив“, изјави Бешлиовска. Таа вели дека проблемите што ги имаат се децениски и не е нешто што се случува само за време на пандемијата. Според нивните информации многу сестри чекаат да помине пандемијата и да си одат од државата.