Во полициска акција ноќеска во Струга при претрес на возила кај шест лица била пронајдена марихуана, а кај двајца таблети.

Акцијата, како што информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски се одвивала во периодот од 20 часот синоќа до 5 часот и 30 минути утринава на улицата „Партизанска“.

Извршени биле прегледи врз лица и возила, при што кај М.С.(31) од Тетово при преглед на патничко моторно возило „Опел Мерива“ со тетовски регистарски ознаки биле пронајдени таблети и марихуана, кај Е.А.(29) од Скопје била пронајдена марихуана, кај И.З.(38) од Струга, при преглед на патничко моторно возило „Опел“ со охридски регистарски ознаки била пронајдена марихуана. Исто така, кај А.Н. (32) од Битола, при извршен преглед била пронајдена марихуана, кај Д.Н (25) од Штип била пронајдена марихуана, кај И.Г.(30) од Скопје била пронајдена марихуана, кај Т.С.(32) од Битола биле пронајдени таблети, изјави денеска Димоски.

Лицата, додаде тој, се лишени од слобода и против нив ќе следат соодветни поднесоци.