Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на промоцијата на новиот изглед на Универзалната сала во Скопје, околу „одбивањето на МАНУ за вметнување Северна Македонија во името“, нагласи дека Преспанскиот договор мора да се почитува.

– Преспанскиот договор е закон. Неговата ратификацијата е направена во Собранието и тој е закон, а законот мора да се почитува. Кога од МАНУ побараа да ги повлечеме измените на законот, ние ги повлековме без да прашаме зошто, додаде Заев.

Тој нагласи дека согласно Преспанскиот договор имаме законски рокови кои мора да се почитуваат и сите институции финансирани од државата мора да го променат своето име, а МАНУ, како што додаде, е една од тие институции.

– Најдено е многу убаво решение во разговор и договор со Грција и верувам дека ќе се најде решение и за оваа работа. Законот мора да се почитува и овде, додаде Заев.