Лажните вести и дигиталната пропаганда, секогаш имаат за цел да манипулираат со скриените стравови и основните инстинкти на граѓаните. Секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, борба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички прашања… Таков беше случајот и со лажните вести кои се однесуваа на Договорот од Преспа“.

Ова  го истакна министерот за информатичко општество и администрација,  Дамјан Манчевски кој денеска се обрати на конференцијата на тема: „Лажни вести за Договорот од Преспа“, што се одржува во Атина.

Основна форма на медиумска манипулација беше „нецелосното известување“, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-сајтот на Владата кратко време по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на договорот. Лажните вести, најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации кои беа претставувани како факти“, истакна министерот Манчевски.

Како што потенцираше тој, во периодот од 1ви април 2018 до 15ти март 2019 година објавени се вкупно 35.261 написи на македонски јазик и 13.995 на албански јазик. Анализите покажуваат дека во просек 10% од овие натписи може да се вбројат во информации чија цел не е информирање на јавноста, односно имаа за цел да презентираат неточни информации како факти.  10% од оваа бројка е нешто што навистина загрижува!

Најголем број написи се објавени  во септември, октомври 2018 година  и јануари 2019 година. Од анализирани 750 написи чија што цел не е информирање на јавноста, најголем број написи биле објавени во септември и октомври 2018 година, но досегот на социјалните мрежи бил најголем во декември 2018 и јануари 2019 година. Ова покажува дека лажните вести се зголемени за време на референдумската кампања и периодот на усвојување на Уставните измени во Собранието, како и ратификувањето на Договорот во грчкото Собрание“, информираше министерот Манчевски.