Расправата, која предизвика бурни реакции во јавноста, за спорната распределба на средства за проекти од културата од денеска се пресели во Собранието. Надзорната комисија расправаше за културните политики и начинот на донесување на годишната програма од национален интерес.

Министерот за култура Асаф Адеми во своето обраќање рече дека културата е најзначаен атрибут на државата и дека ниту еднаш не го искористил дискреционото право за одлучување при финансирањето на проектите, туку тоа го правела комисијата во која имал доверба.

На ова, пратеничката Нола Исмајлоска-Старовa, од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ го праша министерот дали проектите ги потпишувал со затворени очи на што Адеми одговори негативно и додаде дека го почитувал мислењето на комисиите и нивните членови.

Пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ го праша министерот како е можно невладини организации и здруженија да добијат повеќе пари од национални установи. Како пример, го посочи Музејот на Гевгелија кој добил 630 илјади денари, наспроти, посочи пример Манаскова, Ден на грозјето од невладината Еко вита Скопје каде добиле 780 илјади денари.

Според националниот координатор за култура и поранешен министер за култура Роберт Алаѓозовски, институциите понекогаш знаат да поднесат многу апликации, некогаш финансиски колку е целата програма во дејноста и на тој начин одговорноста ја префрлаат кај комисијата. Заради ваквата состојба, смета Алаѓозовски, системот за годишна програма треба да се напушти, а во Министерството новиот модел веќе го имаат скицирано.

На надзорната расправа учествуваше и посебната советничка за култура на премиерот, Цветанка Ласкова. Од страна на пратеничката Ане Лашковска беше прашана како дозволила, со толкаво искуство во фолк естрадата, фестивалот Валандово годинава да добие за 800 илјади денари помалку од лани. Ласкова одговори дека немала никаква улога во одлучувањето за проектите и дека овој фестивал е само капка во трошоците со кој министерството помага да се одржат ваквите манифестации.

Ова беше прва од предвидените три надзорни расправи за културните политики и начинот на донесување на годишната програма од национален интерес. Следната расправа треба да се одржи идната недела кога можност за свое обраќање ќе имаат и културните работници.

Министерството за култура на својата веб-страница, вчера, ги објави финалните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.