Градоначалникот на Куманово и предводник на граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, денеска гостуваше во емисијата „Утринска на Телма“ на телевизија Телма кадешто информираше за активностите и проектите што се спроведуваат на локално ниво, за граѓанското движење што треба да се формира, како и за политичката состојба во земјава.

Тој потенцираше дека 90% од неговите активности се насочени на креирање на нова програма и нов буџет за следната или за наредните три години кадешто ќе бидат имплементирани постоечките програми што се на сила, наплата на средства и постигнување на повисоко ниво на заштеди.

-Во попладневните часови се посветувам на здружението „За наше Куманово“ и сите останати здруженија во државата. Веќе во септември верувам ќе формираме нов субјект, политичко движење, тоа ќе зависи од сите тие здруженија за кои веќе информиравме и во октомври ќе ја најавиме нашата платформа и програма. Имаме одличен тим, којшто јавноста ќе го слушне во септември и ќе оставам простор самите тие да се откријат. Граѓаните се познати по градовите кадешто формиравме здруженија во 8 градови, тоа се луѓе од локално ниво, а во Скопје ќе ги слушнете во септември, рече Димитриевски.

Во „Утринска на Телма“, Димитриевски истакна дека можностите се големи, поддршката е огромна што доаѓа од страна на граѓаните, верувајќи дека ќе се направи еден политички субјект кој ќе служи за пример, а останатите ќе учат како се гради политика, како се прави една сериозна платформа и програма, но и како директно се делува на терен.

-Новата влада ќе ја сочинува експерти и луѓе коишто досега немале искуство во политика, а доаѓаат од сите сегменти на општественото живеење. Не знам кој ќе победи на изборите, но знам дека движењето коешто ние ќе го формираме ќе биде главниот носител на идната власт. Ние ќе коалицираме со сите оние што ќе прифатат да потпишат една сериозна платформа, првенствено национална за македонскиот народ, а подоцна да седнеме на иста маса и реално да разговараме како тоа се креира и формира мултиетничко, а не биетничко општество во државата. Ова што денеска го имаме е само една убава форма во којашто политичарите се разбираат взаемно одлично, но за жал мултиетницизмот не функционира во суштина, освен поради добрите традиционални односи поради етничките заедници како што е случајот со мое Куманово коешто е мултиетничка средина, изјави Димитриевски.