На крајот на денешниот Самит на ЕУ на кој лидерите требаше да постигнат договор за водечките функции на европските институции, францускиот претседател Емануел Макрон порача дека категорично ќе отфрла ново проширување сѐ додека не се реформира ЕУ од внатре.

На крајот на денешниот состанок, францускиот претседател даде неколку изјави за медиумите на излегување од зградата и во својот воведен збор упати порака кон оние кои се залагаат за проширувањето на Унијата.

„Скептичен сум кон оние кои ни објаснуваат дека е потребно ново проширување, не успеваме ни со 28 членки да се договориме, така што ќе бидам бескомпромисен кон каков било вид проширување пред да се случи длабока реформа на нашето институционално фунцкионирање“, изјави Емануел Макрон.

Лидерите на ЕУ цела ноќ преговараа за назначувањето на челниците на идните европски институции но не постигнаа конечен договор и покрај тоа што Германија и Франција успеаја да се усогласат. Компромисот околу кандидатот Франс Тимерманс во последен момент беше блокиран од страна на земјите од источна Европа, според дипломатите кои ги брифираат новинарите. Токму овие земји се тие кои најсилно се залагаат за проширувањето на ЕУ.

Макрон изрази уверување дека утре ќе се изнајде компромис, но нагласи и дека овој тип на состаноци кои траат цела ноќ без да вродат со плод треба да престанат, а ЕУ да стане поефикасна и подемократска.

Тој порача дека уморот надвладеал изутринава на состанокот на лидерите и дека иако тој умор некогаш може да го олесни изнаоѓањето компромис како што било случај со самитот за миграцијата во 2015-та година, овој пат тој довел само до повеќе тензии.

Западните медиуми потсетуваат дека одлуката за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ за Северна Македонија и Албанија е одложена за октомври.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини во мај предупреди дека доколку со овие две земји наскоро не почнат преговори за членство тоа „ќе ја поткопа стабилноста и сериозно ќе наштети на натамошните реформи“.