Maкедонскиот дипломатски синдикат реши да побара помош од колегите во Србија за да се организира имунизација против ковид-19 во нивната држава, имајќи предвид дека е голем број на болни вработени во македонското МНР, како и на лица кои се во изолација, но и затоа што овој синдикат не е информиран за состојбите ниту пак за можна вакцинација во земјава.

Македонскиот дипломатски синдикат изразува голема загриженост за здравствените состојби во државата, како и во рамки на Министерството за надворешни работи во поглед на пандемијата ковид-19.

И покрај забележително големиот број отсуства како резултат на изолација на вработените поради контакти или заразеност со коронавирусот, Македонскиот дипломатски синдикат, за жал, во континуитет не е информиран од страна на раководството за здравствените состојби, како што исто така не е информиран и за сите други теми што имаат импликации во социјалната, економската и работната сфера во нашата институција, што инаку е негова легална обврска, се вели во соопштението на овој синдикат.

Поради тоа, во рамките на својата меѓународна соработка Македонскиот дипломатски синдикат упати барање до Синдикатот на Министерството за надворешни работи на Република Србија за помош и организирање на имунизација, односно вакцинирање против ковид-19 за вработените во македонското Министерство за надворешни работи.