Македонската армија како 30-та земја членка на НАТО првпат директно ќе учествува во мисијата на КФОР. Утре во рамки на првата ротација, 44 припадници на Армијата ќе се упатат во мисијата на НАТО во Косово, составена од штабни офицери и вод за обезбедување, кои ќе бидат распоредени во главната команда на мисијата и командата „Запад”.

Во присуство на највисокиот воен и државен врв, во касарната „Илинден” во Скопје ќе се реализира воена свеченост по повод упатувањето на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисија на КФОР.

Од АРМ соопштија дека пред оваа мисија припадниците на Армијата поминале низ потребниот процес на обука, подготовки и селекција каде се извежбувале и обучувале за изведување на задачи кои ги очекуваат за време на мисијата.

Припадниците на Армијата својата подготвеност, интероперативност и способност за извршување на најтешки задачи, веќе ги имаат докажано во досегашното 18 годишно учество во мировните мисии Исаф и „Одлучна поддршка“ во Авганистан и мисиите „Слобода за Ирак“, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и „Унифил“ во Либан, информираа од АРМ.

Армијата на Република Северна Македонија како 30-та земја членка на НАТО првпат директно учествува во мисијата на КФОР, а во досегашниот период учествуваше посредно преку обезбедување на логистичка поддршка за НАТО преку координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, кој вршеше координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување.