Македонија ќе треба да ги врати парите доделени од Европската унија преку ИПА фондовите, поради злоупотреба. Како што пренесува „Сакам да кажам“, заврши истрагата против Јахи Јахија, поранешниот државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, осомничен дека зел мито од италијанска фирма на која ѝ оддал доверливи податоци за да победи на тендер. Јавната набавка била со средства од ИПА фондовите на ЕУ.
Вредноста на тендерот е милион и двесте илјади евра. Според регулативата на Европската унија, во државата која е корисник на средства од овие фондови, ако се открие злоупотреба со нив, треба да ги врати сите средства, до евро, колку што бил грантот.
Потоа државата треба овие средства да ги бара од осудените лица, се разбира ако ги осуди судот.
За овој случај италијанските власти водат истрага за фирмата која го добила тендерот во Македонија на незаконит начин. Важно е дека ни ги доставија доказите што ни беа потребни за нашата истрага против поранешниот државен секретар и уште едно раководно лице, кои зеле поткуп и ја информирале италијанската фирма со доверливи податоци како да стекне предност и да го добие тендерот платен од ИПА средствата. Овој случај е пред обвинение, изјави шефицата на ОЈО за организиран криминал и корупција Вилма Русковска за „Сакам да кажам“.
Comments are closed for this post.